Магистерскиот труд на Ирена Парчеклиева е работен на тема „Архитектонско репроектирање на градби, места и простори“, со наслов „Архитектонско репроектирање на просторната празнина помеѓу периферните градски населби ‘Пребег’ и ‘Железничка’ во Штип“.

Основна цел на истражувањето на магистерскиот труд е да се идентификуваат проблемите и предизвиците со кои се соочува градот Штип, како и да се идентификуваат современите потреби на неговите жители. Отварањето на Унверзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во 2007 година е почеток за развој на една нова стратегија во градот и истиот игра доминантна улога во растот и развојот на Штип, затоа што успева да ги задржи младите генерации во него, но привлекува и дополнителен млад капацитет од другите градови и села на Р.Македонија, па и пошироко. Од тука произлегува потребата за ширење на градот и за обезбедување на нови сместувачки капацитети и јавни содржини.

Избраната локација се наоѓа позади првиот бран изградени индустриски структури кон бул. Гоце Делчев, односно на празнината ограничена од североисточната страна со булеварот, од северозападната со населбата ‘Железничка’ и од југоисточната со ул. Вељко Влахович, која воедно е и раб на населбата ‘Пребег’. Многу е важна близина на локацијата до кампусите на универзитетот каде што студентите ги извршуваат своите секојдневни факултетски обврски, поради што оваа празнина би била соодветна тие да гравитираат во и околу неа. Како одбраната локација, така и кампусите, се надоврзуваат на булеварот, кој се карактеризира како порта на градот Штип и преку таа трасирачка права линија, ваквите периферни екстензии на градот се поврзуваат со централното градско јадро. Тоа значи дека локацијата иако е периферно поставена, таа овозможува лесна и брза комуникација со останатиот дел од градот, но и останатиот дел од државата, поради нејзината близина и до автобуската и железничката станица, што е од особена важност за студентите.

Самата локација се карактеризира со триаголна форма, која во новопроектираниот случај е сегментирана на шест појаси, од кои два се архитектонско-урбанистички разработени, а истите се добиени со пуштање на нови улични коридори кои го следат правецот на регулационите линии на постоечката парцелација. Исто така, во проектот е усвоена новата сообраќајна мрежа на улици според Генералниот урбанистички план (ГУП) донесен во декември 2021 год., заедно со веќепостоечката. Во новата инфраструктурна интервенција најзабележливи се пешачките патеки во партерното уредување, каде како најдоминантни се издвојуваат мултифункционалниот пешачки коридор, кој во себе апсорбира разни содржини, а самиот по себе се издвојува и по уникатната обработка која наликува на пешачки премин со некакви извиени бели линии, како и „црвената трага“ која патува од Кампус 4, па се до центарот на градот Штип. Таа во себе носи метафоричко значење на артерија и ја потенцира идејата за поврзувањето на периферијата со срцето на градот.

Целиот концепт е поделен на три сегменти: студентско домување, кое ја опфаќа црквата и индустрискиот објект; комерцијално домување распоредено каскадно во трактови и јавен простор (мултифунцкионален пешачки коридор), дефиниран со мултикултурен центар и кантина за студенти од едната страна и станбено-деловен објект од другата страна и истиот претставува тампон зона меѓу студентското и комерцијалното домување.









Продажба на атрактивно градежно земјиште во Штип, Станица


